“Култ кон култот: редефинирање на термините во хуманистичките науки”
03.10.2015
Музеј на Македонија
На 03.10.2015 во Музејот на Македонија се реализира изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која има за цел да прикаже дел од археолошкото и етнолошкото културно наследство поврзано со разни симболички претстави и ритуали што се однесуваат на плодноста. Во рамките на изложбата беше предвидено да се одржат пропратни настани со кои ќе се презентираат овие обреди од повеќе научни перспективи. Еден од тие настани е научната трибина „Култ кон култот: редефинирање на термините во хуманистичките науки“ во која се дебатираше за примената на поимите кои влегуваат во сферата на сакралното (религија, обреди и иконографија).
Уште во самите почетоци на хуманистичките науки сакралното претставува една од најпривлечните категории за истражување. Многумина проучувајки ги религиите, обредите и иконографијата користат повеќе термини преку кои сакаат да ги дефинираат верувањата, ритуалите и сакралните предмети. Притоа, од една страна, се употребуваат термини со кои низа на активности и артефакти, неосновано се определуваат како култни или симболички, како што се: обред, плодност, божица, светилиште, храм, култен предмет итн. Од друга страна, како резултат на ваквите паушални толкувања, во науката се јавува скептицизам кон проучувањето на сакралното, со што се релативизираат сите термини и форми преку кои можат да се објаснат верувањата, обредите и когнитивноста на архаичните култури. Токму научната трибина „Култ кон култот: редефинирање на термините во хуманистичките науки“, имаше за цел да ги спротивстави овие два научни правци и да отвори дискусија околу соодветното користење на термини и методи при проучувањето на сакралното.
Трибината се одржа на 15.10.2015 година во 11 часот, во кино салата на Музејот на Македонија. Учество во трибината земаа Љубомир Цуцуловски, Илина Јакимовска, Никос Чаусидис, Славица Бабамова, Гоце Наумов, Јасемин Назим, Љубинка Џидрова и Јасминка Ристовска Пиличкова. Организатори на оваа научна трибина беа Центарот за истражување на предисторијата и Музејот на Македонија.