За Нас

Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) е организација насочена кон проучување и презентирање на сите предисториски периоди констатирани во Македонија, но и пошироко. Имајки го предвид богатото културно наследство од овој период, примарната цел на ЦИП е да овозможи темелно разбирање на животот на предисториските заедници преку примена на повеќе научни методи. Во ЦИП членуваат археолози коишто од разни аспекти ги истражуваат палеолитот, неолитот, халколитот, бронзеното и железното време. Во рамки на нивните активности се проучуваат и презентираат археолошките локалитети, материјалната култура, хронологијата и географските обележја во предисторијата, за да понатаму истите се толкуваат преку примената на тековните теориски модели. Покрај своите истражувачки активности ЦИП организира научни трибини, работилници и конференции преку кои се актуелизираат проблемите во предисториската археологија, а воедно публикува и изданија со што се презентираат најновите сознанија за културно наследство во Македонија.

Центарот за истражување на предисторијата соработува со неколку домашни и меѓународни институции и создава платформа за идно вмрежување во проекти каде темелно ќе се проучува и презентира овој период. Во рамки на овие соработки се вршат обуки на студенти и млади професионалци преку нивно вклучување во теренски истражувања, лабораториски анализи, стручни публикации и јавни научни настани. Како резултат на овие активности, ЦИП значително делува во примената на нови научни пристапи и етички норми во македонската археологија. На тој начин, со презентирањето на културното наследство преку истражување, научни дебати и публикации, ЦИП директно влијае врз популаризирањето на предисторијата и заштитата на локалитетите и материјалната култура од овој период. ЦИП има за цел да ја интензивира соработката меѓу стручњаците и институциите со што се зацврстуваат научната етика и истражувачките методи применети во предисториската археологија.