Промоција на монографијата „Неолитски фигурини во Македонија“

20.11.2015

Археолошки музеј на Македонија

Промоцијата на книгата „Неолитски фигурини во Македонија“ од Гоце Наумов, ќе се одржи на 20.11.2015 во Археолошкиот музеј на Македонија (20:00 часот). Оваа монографија е публикувана од издавачката куќа „Магор“, а настанот е во организација на Центарот за истражување на предисторијата – ЦИП, Археолошкиот музеј на Македонија и издавачката куќа „Магор“, а со подршка од Музеј на град Скопје, Филозофскиот Факултет- Скопје и Музеј на Македонија. Промоцијата ќе се одвива во аудио-визуелен амбиентален простор и ќе биде од интерактивен карактер, така што авторот ќе разговора и дискутира со присутните за неолитските фигурини и нивните специфични обележја.
Во монографијата „Неолитски фигурини во Македонија“ се презентирани сите досега познати минијатурни претстави на човечкото тело пронајдени на повеќе локалитети датирани околу шестиот милениум п.н.е. Во неа се обработени клучните аспекти на неолитските антропоморфни фигурини, вклучувајќи ги нивната географска распространетост, типологијата, временската припадност, техниките на изработување, иконографските обележја, како и симболичките значења што овие предмети ги содржат. Направен е широк мултидисциплинарен преглед што овозможува целосен увид во скоро сите аспекти на овие артефакти. Една од целите на трудот е да покаже дека неолитските антропоморфни фигурини, и воопшто материјалната култура, не можат да се истражуваат и толкуваат еднонасочно. Тие не се во толкава мера уедначени ниту стандардизирани за да се употреби општа дефиниција на нивното значење и за нивната намена. Мноштвото вакви артефакти варираат според својот изглед, димензиите, контекстот и технолошката изработка, поради што во оваа пригода им се пристапи од повеќе перспективи. Од тие причини, во монографијата се приложени различни анализи и согледувања за улогата на неолитските фигурини во првите земјоделски општества во Македонија, со што воедно се истакна нивното исклучително значење во социјалните и симболичките процеси карактеристични за заедниците кои го населувале овој простор пред околу осум илјади години.