„Бронзенодобните ризници во Јужна Бохемија“

29.03.2017 (среда) – 13:00 ч

Археолошки музеј на Македонија

Ни претставува особено задоволство да ве поканиме на предавањето за предисториското културно наследство во Чешка, коешто ќе го одржат археолози од оваа земја. Насловот на предавањето е „Бронзенодобните ризници во Јужна Бохемија“ и за нив ќе говорат Ондреј Хвојка и Јан Јон од Универзитетот во Јужна Бохемија.
Во него ќе бидат претставени едни од најрепрезентативните предисториски артефакти пронајдени на повеќе локалитети од бронзеното време. Овие ризници најчесто ги сочинуваат накитот и оружјето што во тој период луѓето го носеле и користеле. Гостите ќе говорат за тоа како овој накит и оружје не биле само за декорирање, односно војување, туку на кој начин преку нив се истакнувале статусот и позицијата во рамки на бронзенодобните општества во јужните делови на Бохемија.
Предавањето ќе се одржи на 29.03.2017 (среда) – 13:00 ч, во Археолошкиот музеј на Македонија. Организатори на предавањето се Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) и Археолошкиот музеј на Македонија. ЦИП покрај активното истражување и презентирање на предисториското културно наследство од Македонија, има за цел да ја доближи до македонската јавност и предисторијата на другите земји во Европа. Овој настан е еден од повеќето во коишто се актуелизира европската предисторија во Македонија, а следат и други каде што во неколку земји ќе се презентира македонското предисториско наследство.