Концерт на Љубојна на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука
29.08.2021
Деновиве ги привршуваме археолошките истражувања на Врбјанска Чука,
кои веќе шеста година ги изведуваме во соработка со Завод и музеј -
Прилеп и Институтот за старословенска култура, а во кои учествуваат
стручњаци и студенти од Германскиот археолошки институт, Универзитетот
во Базел, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Хајделберг и
Универзитетот „Гоце Делчев“.
Со голема радост најавуваме дека овогодишните истражувања ќе ги
завршиме со концерт на македонскиот реномиран состав Љубојна, кој во
оваа пригода ќе настапи на Врбјанска Чука со посебно подготвена програма
и интимна изведба. Љубојна, кои се надалеку познати по својот спој на
модерната и традиционалната музика, на овој настап ќе ја воведат
публиката во мистичен амбиент и ќе ни овозможат поинакво искуство на
оваа прекрасна пелагонска тумба.
Повелете на концертот на Љубојна во недела (29.08.) во 18:30 часот, што го
организираме заедно со нашите пријатели од Прилепскиот џез викенд.
Воедно ќе имате прилика да се запознаете со далечното минато на
Врбјанска Чука и да видите дел од древните остатоци на неолитските
градби и стопански структури, античките депозитни јами и средновековните
погребувања.
Фото: Раул Сотерас