Концерт на Антоние на Врбјанска Чука

Врбјанска Чука

Ни претставува задоволство да ве известиме дека оваа недела завршуваат археолошките истражувања на локалитетот Врбјанска Чука. И оваа година крајот на теренското истражување го финализираме со екслузивен настан во археолошката сонда. Имено, на локалитетот ќе се одржи концерт на Антоние, еден од ретките македонски соло вибрафонисти, кој ќе подготви програма специјално за овој настан. Концертот ќе биде ретка прилика да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што ќе се спојат древниот предисториски амбиент и звучните илустрации. На тој начин Врбјанска Чука и музиката на Антоние ќе добијат поинаква димензија и вземно ќе се надополнуваат во нова аудио-амбиентална целина.
Концертот на Антоние на Врбјанска Чука ќе биде изведен на самиот локалитет (28.08.2020-18:30 часот), кој се наоѓа околу 1 км јужно од селото Славеј во Пелагонија. До него може да се дојде со автомобил или велосипед по патот од Прилеп кон Крушево и потоа да се скршне лево кај селото Славеј кон Боротино. Од ова место до Врбјанска Чука има околу 10 минути, а самата локација ќе биде означена за да може посетителите лесно да ја најдат.
Концертот на Врбјанска Чука е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Џез фестивал - Прилеп и Завод и музеј – Прилеп, а кој исто така претставува и дел од оф-програмата на Прилепскиот џез викенд. При реализацијата на настанот ќе бидат преземени сите неопходни мерки и протоколи за собири на отворено место, така што ќе се одржува неопходната дистанца и ќе се носат заштитни маски. Влезот е бесплатен.
После одржувањето на концертот Антоние го објави овој настап во форма на албум којшто може да се преслуша на следниот линк:
https://www.youtube.com/watch?v=SUVedavPbio