Конференција „Неолитот во Македонија“ 2019 година
Археолошки музеј на Македонија
Почитувани колеги и љубители на предисторијата,
ни претставува задоволство да ве поканиме на конференцијата Неолитот во Македонија што ќе се одржи на 20-ти
и 21-ви декември во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија. Таа го има своето јубилејно петто
издание и поради зголемениот интерес на археолозите, за првпат се одржува два дена (петок и сабота).
Реализацијата на конференцијата ќе се одвива во чест на Драгица Симоска којашто за жал почина пред неколку
месеци и остави впечатлива трага во македонската предисторија.
На конференцијата ќе се изложат 24 реферати презентирани од триесетина археолози од Македонија, Србија,
Албанија, Бугарија и Шпанија. Македонските и странските археолози ќе говорат за најновите сознанија поврзани
со неолитското културно наследство во Македонија и околните земји, а воедно ќе дискутираат за научните
проблеми што се однесуваат на бројни отворени прашања во рамки на предисториската археологија.
На конференцијата ќе бидат презентирани тековните резултати од истражувањата на неолитските локалитети во
полошкиот, струмичкиот, охридскиот, велешкиот, скопскиот, овчеполскиот, кривопаланечкиот, струмичкиот,
струмскиот, тракискиот, софискиот, кочанскиот, виничкиот, мариовскиот и во пелагонискиот регион, вклучувајќи
ги и резултатите од кабинетските, теренските и теориските проучувања. Ќе бидат промовирани и новите методи
што се применуваат при истражувањето на неолитските населби во Македонија и Балканот, како што се
просторните, геомагнетните, етноархеолошките, археоботаничките, фотограметриските и зооархеолошките анализи,
но и тековните пристапи во толкувањето на металот, хронологијата, архитектурата, стелите, садовите и
ритуалите.
Во рамки на конференцијата ќе биде промовирано најновото издание на Центарот за истражување на
предисторијата, односно зборникот на трудови „Неолитот во Македонија: во чест на Воислав Санев“. Во рамки на
конференцијата, во сабота на 21.12.2019 во 09:30, предавање ќе одржи д-р Милош Спасиќ од Музеј на град
Белград, еден од најистакнатите млади српски предисторичари кој ќе говори на темата „Доцнонеолитската
винчанска култура во Централен Балкан: заедници што создадоа големи наративи“.