Конференција „Предисторија во Македонија“ 2020 година

На 22-ри декември 2020 година се одржа меѓународната конференција „Предисторија во Македонија“. Овој настан е шестото издание на веќе традиционалната конференција „Неолитот во Македонија“, која поради големиот интерес беше неопходно хронолошки да се прошири. Од објективни причини поврзани со пандемијата, овогодишната конференција имаше онлајн издание.

На неа беа претставени 14 реферати презентирани од триесетина археолози од Македонија, Албанија, Србија, Грција, Турција, Словенија, Романија, Чешка, Австрија, Германија, Швајцарија, Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави. Македонските и странските археолози говореа за најновите сознанија поврзани со предисториското културно наследство во Македонија, Балканот, Анадолија и Централна Европа и воедно ги дискутираа научните проблеми што ги обработуваат врските меѓу овие региони.

На конференцијата беа презентирани најновите сознанија од истражувањата на повеќе предисториски локалитети, вклучувајќи ги и резултатите од кабинетските, теренските и од теориските проучувања. Беа промовирани и новите методи што се применуваат при истражувањето на предисториските населби, како што се просторните, геомагнетните, зооархеолошките, дендрохронолошките, функционалните и археоботаничките анализи, но исто така и тековните пристапи во толкувањето на стратиграфијата, архитектурата, садовите, алатките, погребувањата и човечките претстави во предисторијата.

Во рамки на конференцијата беше промовирано најновото издание на Центарот за истражување на предисторијата, односно зборникот на трудови „Неолитот во Македонија: во чест на Драгица Симоска“. Овој зборник е резултат од минатогодишната конференција и претставува петто издание во оваа едиција посветена на неолитот.

Конференцијата е во организација на Центарот за истражување на предисторијата и таа е финансиски поддржана од Министерството за култура. Имајќи го предвид нејзиниот интернационален карактер и особено интересните теми на излагачите, конференцијата ќе биде на англиски јазик и воедно пренесувана во живо на фејсбук, за што дополнително ќе биде објавен линк на профилот на ЦИП.