Предисторија на Балканот - конференција

13.12.2023

Почитувани,

Ни претставува задоволство да ве известиме дека на 13-ти декември ќе се одржи 9-та конференција на Центарот за истражување на предисторијата. Оваа конференција со наслов „Предисторија на Балканот“ скоро една декада традиоционално се одржува при крајот на годината и на едно место собира еминетни стручњаци од сферата на археологијата и културното наследство, а кои ги презентираат и дискутираат најновите сознанија добиени во рамки на тековните истражувања.

Оваа година на конференцијата учествуваат околу четериесетина археолози од Британија, Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Соединетите Американски Држави, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Албанија и Македонија. Тие преку петнаесетина реферати, на овој онлајн настан ќе ги презентираат своите истражувања во рамки на предисториската археологија и ќе ги елаборираат резултатите поврзани со локалитетите на Балканот, како и околината во која тие се наоѓаат. Освен претставувањето на резултатите од теренските ископувања, учесниците на овогодишната конференција исто така ќе говорат за теориските поимања на хронологијата и општествата во неолитот, природното опкружување и рововите со кои се обградувале тогашните населби, керамиката и алатките што ги изработувале, сточарството и земјоделството, наколните живеалишта во бронзеното време, како и погребувањата во железното време.

Во рамки на конференцијата ќе биде промовиран и најновиот зборник на трудови на Центарот за истражување на предисторијата, а чиешто издавање е подржано од Министерството за култура. Во него се сумирани рефератите од минатогодишната конференција „Предисторијата на Балканот“, а која се одржа во Охрид.

Во таа насока, оваа конференција е редок научен настан во кого традиционално секоја година се претставува предисториското културно наследство на Балканот и се дискутираат формите и методите на негово проучување. Овој настан во голема мера придонесува кон зацврсување на комуникацијата меѓу балканските и европските археолози и отвора нови перспективи за меѓународни соработки. На тој начин, предисториското културно наследство станува попристапно до сите стручњаци во регионот и се добиваат можности за негово поодговорно истражување, како и за потемелно толкување.

Книга со апстракти