Определување на математичката пропорционалност во неолитот

Најавтентичната категорија предмети од неолитскиот период е керамиката, од која биле изработувани најразлични предмети: садови, фигурини, модели на куќи, жртвеници и други артефакти со различна намена. При досегашните истражувања на оваа категорија предмети од овој период се забележани одредени специфични својства во однос на нивната форма и на типолошките карактеристики. Станува збор за појавата на конкретна протоматематичка тенденција – геометриска пропорционалност која е забележана кај голем број од горенаведените предмети. Освен ова, кај одреден дел од артефактите се забележуваат и одредени метролошки концепти кои укажуваат и на познавање и на практикување мерен систем. Со овие истражувања уште еднаш се потврдува високиот интелект на предисторискиот човек, особено од аспект на протоматематиката или етноматематиката (математичка дисциплина која се занимава со појавата на математика кај заедници кои немаат писмо).