Воена опрема: орудие за стекнување, одржување и прикажување статус и доминација

Во изминатите месеци Никола Стефановски, истражувач од Макс Планк институтот за социо-културна антропологија (Хале, Германија), во соработка со ЦИП, изврши фото- документација и 3Д скенирање на наоди на предисториска воена опрема во Македонија. Проектот „Воена опрема: орудие за стекнување, одржување и прикажување статус и доминација ’’ го опфаќа периодот помеѓу IX и крајот на V век п.н.е. и ги следи погребните ритуали каде е застапено оружјето. Преку анализа на материјалот и неговиот контекст, тој прави обид да го проучи начинот на кој се конструирал идентитетот на предисториските војници. Тој ги следи пошироките импликации од овој акт на манипулирање со симболите, но исто така и борбените техники и другите практични аспекти на војувањето. Во подготовката на деталниот каталог, беа фотографирани стотина предмети од 7 македонски музеи, а некои од нив беа скенирани со 3Д технологија. Целта на 3Д скенирањето е да се олесни пристапот на идните истражувачи до предметите, како и да им се овозможи нова алатка на музеите преку која ќе ја збогатат презентацијата на самите наоди во своите установи. Покрај документацијата изготвена од Никола Стефановски, како фотограф беше вклучен Мишко Тутковски, а 3Д скенирањето беше изработено од Југослав Пендиќ.