Семиотичките истражувања на неолитската куќа

Во последните педесетина години, на неолитските наоѓалишта во Македонија се пронајдени околу 200 цели или фрагментирани керамички предмети, обликувани во вид на пореалистични или постилизирани модели на куќи. Над нивниот покрив секогаш се издига човечка глава или фигура на жена, најчесто со јасно назначени полови обележја. Овој тип предмети засега не е со сигурност констатиран надвор од територијата на Република Македонија, што говори за неговата специфичност токму за овој регион. Иако посочениве антропоморфни модели на куќи се главен повод за покренување на овој проект, неговата цел нема да се состои во проучувањето само на овие наоди. Полето на интерес е проширено и на други слични керамички предмети во чиј облик е содржана куќата. Пред сè, тоа се моделите на куќи поставени на четири ногарки пронајдени во Р. Македонија, но кај неолитските и кај поцнежните предисториски култури од други делови на Балканот, Европа, Медитеранот и Блискиот Исток.
Проектот предвидува продолжување на работата врз типологијата на овие предмети, барање на нивни синхрони и дијахрони паралели и правење физичко-хемиски анализи насочени кон откривање на намената на овие предмети. Ќе се работи и на откривањето на нивното значење, со примена на компаративниот метод, и тоа во неговиот синхрониски и дијахрониски аспект. Тоа ќе опфаќа барање нови паралели на симболичката релација „жена – куќа/живеалиште“, во рамките на подоцнежните култури кои ѝ се подостапни на науката. Тука се имаат предвид медитеранските и блискоисточни цивилизации од стариот век, нивните прежитоци во христијанството, средновековните пагански религии и фолклорните традиции на етносите од европскиот и од азискиот ареал, но и од подалечните подрачја на светот. Врз база на анализата на самите предмети, општото симболичко значење на елементите на куќата и компаративниот материјал, ќе се проверуваат и уточнуваат досега изнесените хипотези за култната намена на неолитските модели на куќи од Р. Македонија: како објекти во кои се вршела либација или спалување на одредени материјали; како објекти низ кои се спроведувала имитативна магија; како објекти кои биле поврзани со погребните сфери.
Предвидени се истражувања и на хибридниот лик што го претставуваат антропоморфните модели на куќи во кој се содржани компонентите куќа и жена, т.е. мајка, интегрирани во некаков натприроден ентитет (митски лик, демон, божество) за кој досега се предлагани неколку кабинетни називи: мајка-куќа, жена-куќа, голема мајка, мајка-земја. Преку наведените компаративни анализи ќе се проверуваат изнесените хипотези за карактерот на овој лик и за неговите функции. Тука главно се има предвид карактерот на обоготворена и персонализирана куќа, која симболизира неколку на неа иманенти категории и функции, т.е. својства: моќта да раѓа, да продуцира, да заштитува, да храни, т.е. да го одржува животот, да ги собира и организира луѓето, да ја раководи заедницата, а веројатно и да ги препородува – воскреснува умрените. Врз база на резултатите од наведените сфери ќе се постават основи и за истражување на семиотичките аспекти на реалните неолитски живеалишта од територијата на Р. Македонија чија цел ќе биде, врз основа на остатоците на конкретните објекти, да се открие специфичното значење на нивните составни елементи (под, ѕид, агол, покрив, столб, врата, прозорец, огниште, печка, гроб во куќата). Ќе се направи обид за откривање и на некои семиотички аспекти на димензиите на неолитските куќи, нивната ориентација според страните на светот и во однос со населбата како целина. Притоа, ќе се земат предвид сознанијата од вакви истражувања спроведени во кругот на неолитските и на подоцнежните култури од соседните региони.