Палеодемографски и остеолошки анализи на неолитската популација во Македонија

Во 2017 година ЦИП потпиша меморандум за соработка со Институтот Биосенс во рамките на нивниот проект BIRTH: Prehistoric fertility in the Balkans between 10 000 - 5 000 cal BC поддржан од European Research Council. Во рамки на оваа соработка, што ќе се реализира во периодот од 2017 до 2020 година, ЦИП ќе посредува во процесот на анализирање на човечките и на животинските коски од неолитските локалитети во Македонија. Овој проект ќе овозможи резултати во повеќе сфери: ќе се направат хронолошки анализи на неолитските локалитети преку AMS методот на примероци од коски и од заби; врз основа на хронолошките и остеолошките анализи ќе се овозможи детектирање на неолитските палеодемографски процеси во Македонија; антрополошките анализи на неолитските мајки и бебиња ќе дадат увид во болестите, стресовите, патологијата, бременоста и исхраната на овие индивидуи; истото ќе се направи и со животинските коски при што ќе се добијат податоци за квантитетот на присутните видови, нивната исхрана, болестите и миграцијата.
Покрај истражувачките активности, во овој проект се реализираше и изложбата „Нова доба: животот на мајките и бебињата во неолитот на Балканот“ за која ЦИП заедно со Институтот Биосенс обезбеди 3D анимации и илустрации на неолитските модели на куќи од Македонија. Изложувањето на овие дигитални проекции е резултат од фотограметриското документирање на неолитските модели на куќи што се изведе со помош на Музеј на град Скопје, ЗЗСКМ – Прилеп и Завод и музеј – Битола. Во рамки на овој проект ќе се одржат повеќе предавања на тимот којшто е вклучен во истражувањата со што ќе се презентираат методите и резултатите применети при овие научни анализи.