Зборникот е резултат од конференцијата Неолитот воМакедонија V што се одржа во 2019 година во чест на доајенот на неолитската археологија во Македонија, Драгица Симоска, чија улога во откривањето и проучувањето на голем број предисториски локалитети, особено во Пелагонија, е клучна за сите идни генерации кои ќе се интересират за овој простор и период. Резултатите од многубројните истражувања на наведениот регион од Лавицата од Пелагонија најнепосредно можат да се видат преку, веројатно, најавтентичната неолитска култура на Балканот, Велушина-Породин. Како дел од следните генерации, должни сме да ја искажеме нашата почит кон неа преку ова издание во кое се вклучени повеќе трудови чија тематика ги надминува вообичаените рамки на археолошката граѓа. Во тој контекст на ова место се вклучени современи и интердисциплинарни размислувања за пелагонискиот амбиент, локалитети и материјална култура од овој исклучителен простор, неговото соседство, нови проучувања и видувања на одредени артефакти и хронолошки системи од Македонија и пошироко. Оттаму, сметаме дека едно вакво издание е најсоодветниот начин за одржување на споменот на Драгица Симоска.