Љубо Фиданоски и Гоце Наумов
Неолитот во Македонија: чекор напред во проучувањето на првите земјоделски општества
Скопје: ЦИП - Центар за истражување на предисторијата, 2017.
Зборникот 'Неолитот во Македонија: чекор напред во проучувањето на првите земјоделски општества' е второто издание што произлегува од истоимената конференција. Таа традиционално се одржува при крајот на секоја година и во неа археолозите ги презентираат своите сознанија за новите или дамнешните истражувања на неолитските локалитети во Македонија. Во овој зборник се сублимирани неколку реферати од конференцијата, а коишто се однесуваат на локалитетите од охридскиот, пелагонскиот, мариовскиот и скопскиот регион, како и на теми што ја опфаќаат материјална култура од цела Македонија. Зборникот започнува со осврт на раниот неолит во охридскиот регион и натаму продолжува со населбите крај мочурливото езеро во Скопско. Следната група на трудови обработува категорија на објекти крај печките и керамички предмети од повеќе делови на Македонија. Последната целина на археолошки прилози е фокусирана на Пелагонија и Мариово и тоа преку новите резултати од геомагнетните скенирања на тумбите и следењето на континуитетот на моделите на куќи во енеолитот. Во целина, овој зборник дава широк спектар на теми што говорат за богатото неолитско културно наследство и комплексниот карактер на неолитските заедници, нивната материјална култура и архитектура.