Никос Чаусидис
Со злато против смртта. Иконографија и семиотика на раноантичките златни погребни апликации од Македонија
Скопје: Центар за истражување на предисторијата, 2025.
Тема на оваа електронска монографија се златните апликации наменети за покривање на телото на елитните покојници кои во текот на VI и V век пред нашата ера биле погребувани во раноантичките некрополи од Македонија (Требениште, Синдос, Архонтико и др.). Покрај базичните аспекти на овие предмети (форма, типологија, настанок, намена, досегашни проучувања), фокусот е насочен кон нивната семиотика, односно кон симболичките и митско-религиските значења, со посебен акцент на нивната улога во обезбедувањето на позитивниот исход на задгробната судбина на починатите.
Содржината на книгата е поделена на вовед и осум глави во кои се обработени конкретните видови апликации за покривање на специфичните делови од телото: маски за лицето, покривки за очите, устата, носот, градите, шаките и стапалата. Толкувањето на иконографијата и симболичката намена на овие апликации е спроведено преку широк спектар на научни методи кој вклучува иконографска и семиотичка анализа, како и споредување со сродни археолошки наоди, релевантни историски извори и етнографски традиции од целиот свет.
Покрај основниот текст, книгата содржи близу 300 табли со каталогизирани илустрации, обемна библиографија и англиско резиме во обем од 75 страници. Во дизајнот се вклучени и фотографии на реплики на истражуваните предмети изработени од страна на авторот.


