publishing/ Центар за истражување на предисторијата | ЦИП

Археолошка конференција „Неолитот во Македонија“

23.12.2015 (10:00)

Музеј на Македонија

Конференцијата ќе се одржи на 23.12.2015 (10:00) во Археолошкиот музеј на Македонија. Овој настан е прв собир на македонските археолози кои целосно или делумно го истражуваат неолитскиот период и имаат добиено значајни резултати коишто произлегуваат од теренските ископувања, обработката на музејскиот материјал или кабинетските проучувања. Со оглед на тоа што, најголем дел од овие резултати остануваат непубликувани и научните средби меѓу археолозите се мошне ретки, ЦИП превзеде иницијатива да ја организира конференцијата „Неолитот во Македонија“ на која ќе се презентираат сознанијата поврзани со неолитските локалитети и материјалната култура од овој период. На овој настан ќе учествуваат десетина македонски археолози коишто ќе говорат за почетокот и крајот на неолитот, новите видувања на неолитските фази, рекогносциратата и датирањето во Пелагонија и Раец, ревидирање на локалитетите во охридско,примената на протоматематиката, ископувањата на населбите во Овче Поле и Скопско, камените, керамичките и коскените алатки, како и за континуитетот на неолитските предмети во останатите предисториски периоди. Како резултат на оваа конференција, ќе се публикува зборник на трудови којшто ќе претставува збир на презентираните реферати и на новите сознанија за неолитот во Македонија.