Археолошка конференција “Неолит во Македонија II”

25.11.2016

Археолошки музеј на Македонија – 10:00 ч.

Почитувани колеги и љубители на минатото,


ни претставува особено задоволство да ве поканиме на археолошката конференција „Неолитот во Македонија II“ којашто ќе се одржи на 25.11.2016 (петок) во Археолошкиот музеј на Македонија. Ова е второ издание на конференцијата посветена на резултатите од истражувањата на неолитските локалитети и материјалната култура, што покажува дека постојат бројни сознанија базирани на старите и на новите ископувања, лабораториските анализи, кабинетските проучувања и дигиталните реконструкции. Од тие причини, на овогодишната конференција ќе учествуваат повеќе археолози од Македонија и странство коишто ќе ги презентираат своите истражувања поврзани со рекогносцирањата на неолитските локалитети во Скопскиот и во Пелагонискиот Регион, систематизацијата на хронологијата врз база на новите C¹⁴анализи, објектите од лепеж крај печките, протоматематиката применета во изработката на материјалната култура, континуитетот на моделите на куќи, палеоботаничките анализи на органски примероци, примената на ГИС при израбоката на дигитална топографија на локалитетите, како и 3Д моделирањето на тумбите. Во неколку излагања акцент ќе се стави на врските меѓу неолитските локалитети во Македонија и Бугарија и тоа особено на оние што комуницирале по долината на реката Струма.

Во рамки на конференцијата ќе се промовира и зборникот „Неолитот во Македонија: нови перспективи и сознанија“ којшто е резултат од минатогодишната конференција и рефератите презентирани во неа. Уредници на зборникот се Љубо Фиданоски и Гоце Наумов и во него се вклучени 11 научни трудови поврзани со најновите истражувања на неолитските локалитети и материјалната култура.

Како вовед во конференцијата ќе се одржат и предавањата на реномираните бугарски колеги проф. д-р Васил Николов и доц. д-р Крум Бачваров од Националниот институт за археологија при Бугарската академија на науките. Предавањата ќе се одржат на 24.11.2016 (четврток) во 13:00 часот во Археолошкиот музеј на Македонија и тоа по следниот редослед:

„Провадија – Солницата: предисториски градски и стопански центар за производство на сол“
проф. д-р Васил Николов

„Нова Надежда: предисториска и протоисториска населба на брегот на Марица“
доц. д-р Крум Бачваров

ПРОГРАМА

10:00 – 10:20
Воведен говор
Презентација на активностите на Центарот за истражување на предисторијата
Промоција на зборникот „Неолит во Македонија: нови сознанија и перспективи“

10:20 – 10:40
Игор Толевски
Фондација Кирил Трајковски
Иван Станчевски
Археолошки музеј на Македонија
Неолитски населби околу Катлановско Блато

10:40 – 11:00
Крум Бачваров и Васил Николов
Археолошки институт и музеј – Софија
Неолитот во долината на Струма: населбата Мурсалево – Девебоаз (VI милениум пр.н.е.)

11:00 – 11:20
Гоце Наумов
Музеј на Македонија
Систематизација на неолитската хронологија во Македонија

– дискусија и пауза –

12:00 – 12:20
Васил Николов
Археолошки институт и музеј – Софија
Десислава Такорова
Археолошки институт и музеј – Софија
Слатина – Софиja во контекст на Струмскиот ранонеолитски пат

12:20 – 12:40
Никос Чаусидис
Филозофски факултет – Скопје
Намена на објектите од лепеж лоцирани покрај печките во неолитските куќи од Македонија

12:40 – 13:00
Љубо Фиданоски
Музеј на град Скопје
Протоматематика во македонскиот неолит (II)

13:00 – 13:20
Александар Миткоски
Н.У.Завод и Музеј – Прилеп
Модели на куќи од времето на енеолитот од подрачјето на прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово

– дискусија и пауза –

14:00 – 14:20
Александар Мургоски
Филозофски факултет – Скопје
Невенка Атанасоска
Центар за истражување на предисторијата
Археолошки локалитет Ѓумушица

14:20 – 14:40
Јаромир Бенеш, Гоце Наумов, Тереза Мајеровичова, Вероника Комарова, Кристина Климешова, Јаромир Коварник и Михаела Вихронова
Универзитет на Јужна Бохемија и Центар за истражување на предисторијата
Палеоботанички анализи на неолитската тумба Врбјанска Чука во Пелагонија: резултати од првата чешко-македонска археолошка летна школа во 2016 година

14:40 – 15:00
Ѓоре Милевски
Центар за истражување на предисторијата
Примена на ГИС кај неолитските тумби: изработка на висински модел на Врбјанска Чука, с. Славеј

15:00 – 15:20
Ивица Стоимановски
Музеј на Македонија
3Д моделирање на неолитски тумби во Пелагонија

– дискусија и затворање на конференцијата –