Предисторија на Балканот - конференција

25.11.2022 - 27.11.2022

Ни претставува големо задоволство да го најавиме одржувањето на нашата традиционална конференција посветена на балканската предисторија. Овогодишното осмо издание на конференцијата „Prehistory in the Balkans“ се организира во рамки на меѓународниот проект Common Cultural Heritage.
Конференцијата е финалниот настан од проектот на Центарот за истражување на предисторијата од Скопје, Институтот за археологија од Тирана и Филозофскиот факултет од Белград и кој претставува прва заедничка соработка меѓу македонски, албански и српски археолози. Во рамки на проектот стручњаци и студенти работеа заедно на неолитските локалитети Влахо во Македонија, Поградец во Албанија и Винча во Србија, каде што освен усовршувањето на методите на истражување ги следеа и предисториските врски меѓу заедниците кои живееле на овие простори пред повеќе илјади години.
Ваквиот пристап во проектот овозможува создавање на нова генерација стручњаци кои потемелно ќе ја проучуваат поврзаноста меѓу предисториските општества и тоа надвор од границите на денешните држави. На тој начин се придонесува кон посилно вмрежување на повеќе генерации археолози кои претходно поради политичките бариери не соработуваа меѓу себе. Како резултат на ваквиот регионален пристап, од 25 - 27 ноември во Охрид ќе се одржи конференцијата „Prehistory in the Balkans“, а во која студенти и стручњаци ќе ги презентираат стекнатите сознанија за време на проектот и воедно ќе приложат нови перспективи за предисторијата во Србија, Албанија и Македонија.
Во рамки на проектот се подготви брошура и промотивен материјал во кого се сумираат резултатите од взаемната соработка меѓу македонските, албанските и српските археолози, а кои ќе бидат достапни на веб сајтот на Центарот за истражување на предисторијата после одржувањето на конференцијата. Проектот 'Common Cultural Heritage: interregional research and prehistoric dialogues' е финансиски подржан од Фондот на Западен Балкан и Европската Унија во состав на Joint Regional Grant Scheme, како дел од програмата IPA (Instrument for Pre- Accession).
Подолу може да се спушти програмата на конференцијата со апстрактите од презентациите.

Книга со апстракти