Изведена втората етапа од проектот BIRTH

Јуни 2017

Археолошки музеј на Македонија, Музеј на град Скопје, Завод и музеј Битола, Завод и музеј Штип, Завод и музеј Прилеп и Универзитетот Гоце Делчев

Во текот на претходните две недели ја изведувавме втората етапа од проектот BIRTH предводен од Институтот Биосенс. Овој институт и ЦИП остварија мошне плодна и конструктивна соработка со Археолошки музеј на Македонија, Музеј на град Скопје, Завод и музеј Битола, Завод и музеј Штип, Завод и музеј Прилеп и Универзитетот Гоце Делчев. Во рамки на оваа соработка се вршеше документирање и фотограметрија на антрополошкиот и зоолошкиот материјал во музеите и се подготвија примероци за натамошни анализи на изотопите, јаглеродот и азотот содржани во човечките и животинските коски. Анализите ќе овозможат следење на старосните граници, исхраната, доењето, бременоста и болестите на луѓето и животните во неолитот, како и хронолошко и палеодемографско дефинирање на овие популации и нивната животна средина.

Иницијативата на ЦИП за вмрежување на повеќе македонски институции и овој пат се покажа успешна и ќе овозможи сосема нов пристап во проучувањето на предисториската археологија во Македонија и во нејзиното меѓународно афирмирање преку научни трудови и презентации. Им упатуваме огромна благодарност на кустосите од наведените музеи и колегите од Институтот Биосенс без чија помош и професионалност немаше да се реализира ова мошне значајно истражување.