Анализа на симболичките аспекти на накитот од железното време

На преминот од 2 во 1 милениум пред нашата ера, односно преодот од бронзеното кон железното време, во Македонија и пошироко, на Средниот Балкан, се појавуваат бројни предмети излеани од бронза за кои, судејќи според нивниот основен облик и присуството на дополнителни механички елементи, може да се тврди дека биле употребувани за носење на телото како накит. Но, од друга страна, евидентно е дека остварувањето на предложената функција било силно попречувано од нивната сложена и мошне расчленета форма, како и од релативно големите волумен и тежина. Користењето како накит може да се оправда само ако на овие предмети им се припише и некаква друга дополнителна функција, како што е симболичката, којашто воедно би била добро оправдување и на нивната богата форма и иконографија. Овој симболички пласт можел да биде насочен кон три основни функции: семантичката, како ознака на разните аспекти на идентитетот на носителите на овој накит (пол, возраст, општествен статус, етничка припадност); стимулативната, како елемент, кој, преку материјалот од кој бил направен накитот и значењето на ликовните претстави што ги евоцира, требало да ги поттикне биолошките, а можеби и некои социолошки функции на носителот; апотропејската, насочена кон заштита преку истите компоненти на носителот од разни реални или натприродни негативни фактори (болест, магија, натприродни суштества, зла среќа…).
Најголемиот дел од тука посочените предмети пронајдени на територијата на Македонија го носат кабинетниот назив „македонски бронзи“, кои, всушност, го претставуваат самиот фокус на овој проект. Предметите вклучени во овој назив припаѓаат на повеќе конкретни типови кои, главно, се датираат во распонот од 8 до 6 век пр. н.е. И покрај епитетот „македонски“, веќе широко прифатен во науката, се смета дека најголемиот дел од нив настанале во кругот на Пајонците или на некои нивни конкретни племиња, при што не е исклучена и партиципацијата на одредени други балкански заедници во нивното создавање. Проектот предвидува спроведување иконографски и семиотички анализи на претставените објекти и предлагање разни модели за тоа како некогашните корисници можеле да ги согледуваат, „читаат“, односно осмислуваат сликите кодирани во нивниот облик. Овие хипотетични модели потоа би се проверувале и конкретизирале врз база на синхронискиот и на дијахронискиот компаративен метод, така што ќе споредуваат со соодветни традиции од други култури (ликовни претстави, митови и обреди) кои се блиски на заедниците на кои им припаѓале анализираните наоди од хронолошки, географски или од културолошки аспект.
Ќе се направи обид сличностите меѓу македонските железнодобни предмети и приложените понепосредни аналогии да се стават во релација со некакви конкретни културни врски, идентификувани врз основа на археолошки факти и пишани извори, кои би се однесувале на дадените време и простор или на конкретни етноси кои можат да се поврзат со нив. Една од целите на ова истражување треба да биде, преку синтетизирањето на сиве наведени нивоа, да им се даде реална историска база и на предложените иконографски и на семиотичките толкувања. Особено внимание ќе им се посвети на поврзувањето на религиските пластови интегрирани во овие предмети и на археолошкиот контекст во кој се пронајдени со одредени антички пишани извори кои се однесуваат на духовната култура (митологија, обреди или генерално религија) на етносите кои во посочените векови, или нешто подоцна, егзистирале на почвата на Македонија и во околните балкански региони. Тоа би требало да обезбеди откривање на базичните пластови, т.е. на духовниот супстрат на религиските традиции кои во овие подрачја ќе се провлекуваат во наредната античка епоха, па и во периодите што следуваат по неа.