Плеистоценска палеосредина и биолошки и културен развој на хомнините
Како луѓе ние сме свесни за самите себе. Секој од нас има силно чувство што извира од нашата уникатна свест која го чини толку природно прашањето за тоа кои сме и од каде доаѓаме. Со илјадници години луѓето се обидуваат да одговорат на прашањето за нашето потекло, местото во природата, за нашиот однос со другите форми на живот. Религијата и филозофијата обезбедуваат одговори на овие прашања. Но, науката нè тера да ги бараме одговорите и доказите во светот околу и во нас. Емперискиот пристап кон овие вековни прашања ни открива извонредни тајни за нашето минато. Еволутивната перспектива ни нуди богато и длабоко саморазбирање и како вид нè сместува во нашиот биолошки и еколошки контекст. Во Македонија најмногу палеолитски археолошки наоди потекнуваат од неколку пештери покрај поголеми рекиа. Откриени се илјадници камени артефакти и фосилизирани животински остатоци. Голем дел од камениот материјал, односно орудија и оружје се определени според типолошко-технолошките карактеристики. Кај животинските коски одредувањето е извршено според видот на фауната. Тие се користени во исхраната на популацијата која ја населува пештерата, но исто така се забележува и силно влијание на човекот врз нив. Постои голема веројатност дека коските биле обработувани, но коскени алатки со сигурност не се потврдени. Од овие причини, во перспектива моите залагања се насочени кон изучување на палеолитските коскени изработки врз основа на индикациите кои ги нудат археолошките наоди на фосилизираниот животински материјал пронајден во пештерата Голема Пешт- Здуње. Исто така моите интереси се насочени и кон интердисциплинарниот приод, во поглед на анализи и испитувања од различни области и специјалности кои би овозможиле севкупно согледување на условите и животот во тоа далечно време.