Истражување на наколната населба Врбник кај Струга

Локалитетот Врбник се наоѓа во водите на Охридското Езеро, помеѓу Струга и селото Калишта. Тој е одвоен од брегот на околу 200 мeтри, односно на длабочина од 3-5 метри. Првите информации за локалитетот датираат од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, кога локалното население ги забележува колците на дното од езерото. Првите истражувања започнуваат во 1998 година, а продолжуваат во периодот 2001-2003. Од 2012 година истражувањата на овој локалитет траат до денес. Колците присутни на дното од езерото се групирани и нивниот дијаметар изнесува меѓу 20-30 сантиметри. Меѓутоа, досегашните истражувања го оставаат отворено прашањето за нивната организација, исто како и планот на куќите и нивната намена. Движниот материјал го сочинуваат фрагменти и одреден број сочувани керамички садови, бронзени и железни предмети, тегови итн. Истражувањата, како и движниот материјал укажуваат на тоа дека локалитетот Врбник културолошки и хронолошки ѝ припаѓа на добропознатата група локалитети од доцната фаза на железното време во регионот околу Преспанското и Охридскотo Езеро, и тоа во рамки на Македонија, Албанија и на Грција.