Почетоците на металургијата во Македонија АРХЕОМЕТ

АРХЕОМЕТ претставува комплексен проект преку кого се проучуваат почетоците на предисториската металургијата во Македонија. Во поглед на општоприфатената периодизација на предисторијата во Македонија, истражувањето го опфаќа периодот од доцниот неолит (5200 г.пр.н.е.) до доцното бронзено време (1200 г.пр.н.е.) во својата прва фаза и железното време како специфична студија во својата втора фаза (X-VI век пр.н.е.). За да се постигнат целите на проектот предвидено е да се извршат лабораториски испитувања на метални предмети од различните временски периоди со употреба на аналитички техники. Аналитичката методологија предвидува примена на недеструктивни техники, како што е Рендгенска флоресценија (XRF, X-Ray Fluorescence) и Скенирачка електронска микроскопија поврзана со енергетска дисперзиона спектроскопија (SEM-EDS, Scanning Electron Microscopy with Energy Dispersive Spectroscopy) и микро деструктивни техники како што е Aтомска емисиона спектрометрија со индуктивно спрегната плазма (ICP-AES, Inductively Coupled Plasma - Atomic Emission Spectroscopy) и Рендгенска дифракција (X-ray Diffraction).

Добиените резултати од физичко-хемиските анализи на металните предмети ќе допринесат за подобро разбирање на улогата на раната металургија во процесот на создавање на комплексните заедници, кои се јавуваат во текот на енеолитскиот период на поширокиот регион на Југоисточна Европа. Археолошките дискурси ќе бидат во насока на поголемо разбирање на социјалниот контекст на раното производство на метал, како и степенот на технолошката специјализација во ланецот на операции. Организацијата на производството на металните артефакти и процесите кои се поврзани со технолошката промена и иновација, исто така претставуваат клучни области на интерес.