Фотограметриско документирање на неолитските модели на куќи

Во рамки на проектот „BIRTH: Prehistoric fertility in the Balkans between 10 000 - 5 000 cal BC“ се изврши фотограметриското документирање на неолитските модели на куќи во Музеј на град Скопје, ЗЗСКМ – Прилеп и Завод и музеј – Битола. Овој метод подразбира прецизно фотографирање на предметите од повеќе позиции и софтверско процесирање на фотографиите со цел да се добие 3D модел на предметите. Овие дигитални модели овозможуват документирање на сите обележја на артефактите и можност за нивно детално проучување без никакво физичко манипулирање на предметите што може да доведе и до оштетување. На тој начин, за прв пат се направи дигитализација на овие ексклузивни неолитски предмети што ќе им овозможи на многу истражувачи индиректна анализа и темелен увид во нивната структура. Овие 3D модели понатаму може да се ползуваат за разни презентации и изложби во коишто е вклучено културното наследство. Во една таква изложба беа вклучени и 3D анимациите на неолитските модели на куќи од Македонија. Имено, во ректоратот на Универзитетот во Нови Сад се постави изложбата „Ново доба: животот на мајките и бебињата во неолитот на Балканот“ на којашто беа презентирани и овие комплексни предмети карактеристични за неолитот во Македонија.