Истражување на локалитетот „Плоча-Миќов Град“ кај Градиште
            Во периодот од 2017 до 2019 година се реализира истражувањето на локалитетот „Плоча-Миќов Град“ кај Градиште
            на Охридското Езеро, а којшто претставува предисториска наколна населба. Ова меѓународно и
            мултидисциплинарно истражување е во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Универзитетот
            во Берн и Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Во проектот за првпат се применува
            дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, со што се анализираат дрвените колци од
            населбата, а воедно се врши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, се
            утврдува староста на секоја градба поединечно и прецизно се одредува нивниот облик. Во рамки на проектот се
            вршат и археоботанички, геоархеолошки, палеоеколошки и радиокарбон анализи на органските и минералните
            остатоци, а со цел да се добијат сознанија за климата, вегетацијата и времето во кое функционирал
            локалитетот. Паралелно се врши и проучување на наодите како би се дефинирале социјалните, економските и
            симболичките процеси на заедниците што ја формирале и користеле оваа предисториска наколна населба.
            
            Благодарение на мултидисциплинарниот пристап, истражувањето на Плоча-Миќов Град даде битни информации за
            хронологијата, културниот карактер, стопанството, климата и природната околина поврзани со овој локалитет.
            Според добиените резултати од дендрохронолошките и радиокарбон анализи локалитетот бил активен во енеолитот,
            односно во втората половина на 5-от милениум, како и во почетокот и втората половина на 2-от милениум, т.е.
            во бронзеното време. Тоа го потврдуваат и бројните енеолитски и бронзенодобни керамички садови, тегови,
            жртвеници, кремени ножиња, секири и мелници, откриени во различни контексти. Наколните живеалишта биле
            градени како засебни објекти за кои најчесто се користеле дабот, смреката, оревот и иглолисните дрва.
            Дендролошките и археоботаничките анализи освен видот на дрва, посочуваат и на конзумирање на житарки
            (еднозрна и двозрна пченица), леќа, грашок, афион, желади, лешници, дренки, капини, јагоди и смокви.
            Анализите на органските остатоци и материјалната култура уште се во тек, а за досегашните истражувања
            публикувани се неколку труда што може слободно да се преземат на следните линкови:
            
            
            
                Istražuvanje na lokalitetot Ploča-Mićov Grad kaj Gradište (Ohridsko Ezero) vo 2019 godina / Research in
                2019 at the site of Ploča-Mićov Grad near Gradište (Lake Ohrid)
            
            
            
            
                Istražuvanje vo 2018 godina na lokalitetot Ploča - Mičov Grad vo Ohridskoto Ezero / Research in 2018 at
                Ploča - Mičov Grad site on the Lake Ohrid
            
            
            
            
                A new Approach for Structure from Motion Underwater Pile-Field Documentation
            
        


