Истражување на локалитетот Велушка Тумба

Локалитетот Велушка Тумба претставува една од најинтересните неолитски населби во Пелагонија имајќи ја предвид нејзината стратиграфија, архитектура и материјалната култура. Поради тоа таа се истражува од 2017 до 2020 година од страна на Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј - Битола, Универзитетот во Базел и Институтот Биосенс. Притоа се применија нови научни пристапи кои освен стандардните сознанија за слоевите, градбите и артефактите, имаат за цел да направат реконструкција на внатрешната организација на населбата и нејзината природна околина, како и детален увид во стратиграфијата, хронологијата, архитектонските обележја, производството на садовите, алатките и култните предмети, но исто така и во исхраната на жителите на оваа импресивна тумба која имала непречен развиток во неолитот, а кој резултирал со напластување на слоевите во висина од скоро 4 метри. Од тие причини, покрај вообичаените археолошки методи, во последните неколку години на истражување на овој локалитет се применија геоархеолошките, археоботаничките и радиокарбон анализите, како и регистрирање на сите појави со помош на Харисовата матрица, што пак овозможи мошне детален увид во повеќе сфери на неолитскиот живот.

Истражувањата на овој извонреден локалитет покажаа дека се работи за ранонеолитско село во кое 12 нивоа на објекти, градени еден врз друг, ја формирале стратиграфијата од скоро 4 метри. Тоа биле линиски распоредени живеалишта, опкружени со мочурлив простор, во чија близина се одгледувале пченица, јачмен, просо, леќа и грашок, но исто така растеле капини и лешници. Садовите, фигурините, моделите, жртвениците и алатките укажуваат на врвни занаетчиски познавања на населението, како и на нивните комплексни симболички идеи кои останале непроменети во текот на целото функционирање на ова ранонеолитско село. Анализите на органските остатоци и материјалната култура уште се во тек, а за досегашните истражувања публикувани се неколку труда што може слободно да се преземат на следните линкови:

Terensko istražuvanje na lokalitetot Veluška Tumba vo 2020 godina / A Fieldwork Season at Veluška Tumba Site in 2020

Multidisciplinarno istražuvanje na Veluška Tumba vo 2019 godina / Multidisciplinary Research on Veluška Tumba in 2019

Geomagnetno skeniranje na neolitski tumbi vo Centralna Pelagonija / Geomagnetic Scanning of Neolithic Tells in Central Pelagonia