Истражување на локалитетот Врбјанска Чука

Локалитетот Врбјанска Чука се наоѓа во Пелагонија, односно близу селата Славеј и Врбјани во општина Кривогаштани. Тој се истражува од 2016 година во рамки на интернационален проект меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот за старословенска култура. Целта на истражувањето е да се утврди карактерот на оваа населба преку повеќе археолошки и мултидисциплинарни методи, што секако вроди со многу нови резултати и сознанија.
Локалитетот претставува карактеристична тумба за пелагонискиот регион којашто била основана во неолитот. Таа била користена и подоцна во античкиот период, а во средниот век функционирала како некропола. Истражувањата се насочени кон дефинирањето на станбените структури во неолитот и кон начинот на живеење во нив. Притоа, се регистрираа две куќи во коишто се пронајдоа печки, огништа и платформи за обработка на житарки. Од тие причини се направија и археоботанички анализи што потврдија конзумирање на пченица, јачмен, леќа и грашок, но и интензивна исхрана со риби. Истражувачкиот тим пронајде мноштво садови во кои се готвела и чувала храната, и особено голем број паници со висок квалитет во кои се служела храната. Покрај овие наоди се открија и бројни алатки, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и фигурини што укажува на динамичниот стопански и духовен живот во оваа населба.
Тумбата се истражува и со примена на дигиталното топографско моделирање, геомагнетното скенирање и 3D технологијата. Дигиталното топографско моделирање ги даде првите егзактни податоци за ваков предисториски локалитет, така што сега со сигурност знаеме дека тумбата била со висина околу 4 метри, а нејзиниот дијаметар изнесувал приближно 130 метри. Геомагнетното скенирање посочи постоење на длабок ров којшто ја опкружувал населбата, како и на распоредот на околу 25 архитектонски објекти. Според тоа, се претпоставува дека во оваа неолитска населба живееле околу 150 до 200 луѓе. Врз основа на геомагнетното скенирање и археолошкото ископување се направи и 3D реконструкција на неолитското село што го покажува неговиот изглед и распоредот на куќите.
Со оглед на значајноста и големината на локалитетот во рамки на северната половина на Пелагонија, се направи и рекогносцирање на околните локалитети со цел да се согледа соодносот на оваа населба со синхроните села, но и со оние што подоцна биле основани. На еден од овие локалитети, Тумба-Боротино, исто така се направи геомагнетно скенирање што потврди постоење на досега единствена појава во Македонија. Според резултатите од ова површинско и недеструктивно истражување, локалитетот бил сочинет од две помали тумби, од кои едната содржела три концентрично распоредени ровови околу празен централен простор, додека на другата се наоѓа некропола или населба чии станбени структури не можат јасно да се одредат.
Добиените резултати, коишто веќе се публикуваа во списанието Патримониум, потврдија дека Врбјанска Чука била специфична неолитска населба и имала клучна улога во појавата и во развитокот на земјоделството во овој дел од Македонија. Резултатите, исто така, дадоа сознанија и за економијата, општествениот живот и за верувањата на првите земјоделци во овие краишта. Тоа го поттикна научниот тим да ги продолжи истражувањата и оваа година со тоа што, покрај веќе користените методи, ќе се применат геолошки, зооархеолошки и палеонтолошки анализи, а ќе се изврши и датирање на населбата преку методите C14 и AMS.