Зборник на трудови „Неолитот во Македонија: нови сознанија и перспективи“

Зборникот „Неолитот во Македонија: нови сознанија и перспективи“ е резултат од истоимената археолошка конференција во којашто беа презентирани најновите истражувања поврзани со неолитските локалитети во Македонија. Во него се вклучени повеќето од рефератите коишто се осврнуваат на разни аспекти поврзани со истражувањата и рекогносцирањето на неолитските населби крај Охридското Езеро, Овче Поле и Раечката Клисура, калибрирањето на хронолошките дати во Пелагонија и редефинирањето на доцниот неолит во истиот регион, како и повеќе трудови посветени на проучувањата на материјалната култура што се однесуваат на керамичките модели на лепчиња, протоматематиката меѓу керамичките садови и антропоморфни претстави, зооморфната неолитска пластика, предметите за ткаење и амулетите. Овие трудови даваат нови видувања за неолитот во Македонија и ја надополнуваат веќе позната слика за почетоците и развојот на неолитските заедници во овој регион.