Зборник на трудови „Неолитот во Македонија: во чест на Воислав Санев“

Овогодишниот зборник претставува сублимат на конференцијата „Неолитот во Македонија IV“ што се одржа во 2018 година во чест на македонскиот еминентен археолог Воислав Санев. Овој доајен на балканската археологија одигра клучна улога во воспоставувањето на општите начела на неолитот во Македонија, така што јубилејот 80 години од неговото раѓање беше најсоодветно да се одбележи со настан во кого ќе се истакнат неговиот придонес во проучувањето на овој период, но и најновите научни текови и сознанија за првите земјоделски заедници. Конференцијата беше организирана од Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Македонија, а на која учествуваа многумина што се познаваа со Воислав Санев и во негов спомен споделија дел од сеќавањата за него, но исто така и некои од нивните тековни истражувања. Со оглед на важноста што тој ја има во рамки на македонската археологија, беше неопходно да се организира ваков настан и да му се оддаде должна почит. Поради тоа, во негова чест се издава и овој зборник, во кого се вклучени дел од трудовите што беа презентирани на минатогодишната конференција „Неолитот во Македонија IV“.